Србија и БиХ ќе бараат земјите од Западен Балкан да се изјаснат за регионалната соработка
Министрите за надворешни работи на Србија и на Босна и Херцеговина, Ивица Дачиќ и Игор Црнадак најавија дека на следниот состанок на шефовите на дипломатиите од Западен Балкан ќе побараат од нив да се изјаснат за тоа дали ќе се почитуваат принципите на регионалната соработка. Дачиќ, на прес-конференцијата по средбата со Црнадак, нагласи дека вчерашните изјави на албанскиот премиер Еди Рама во Пеќ „ја убиле идејата за регионална соработка“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, двајцата министри ја осудиле одлуката на властите во Приштина за воведување такси за стоки од Србија и БиХ, оценувајќи ја како „непријателски став“ на Косово кон овие две земји. Дачиќ додаде дека суштината на сите собири на ниво на Западен Балкан била регионалната соработка, која го подразбира и заедничкиот економски простор.
Тој најави дека Србија и БиХ ќе дејствуваат заедно, бидејќи е нарушена една од основните слободи на ЕУ, а тоа е заедничкиот економски простор и дека очекуваат од меѓународната заедница јасна и конкретна реакција.