Владата ќе ги субвенционира весниците со над 800 илјади евра
Со педесет милиони денари, или околу 810 илјади евра, Владата ќе го поддржува печатењето и дистрибуирањето на печатените медиуми во земјава. Предвидените средства ќе се доделат на печатените медиуми, кои се издаваат на македонски јазик во висина од 50 отсто од направените трошоци за печатење и 50 отсто за направените трошоци за дистрибуција. За медиумите кои се издаваат на јазиците на етничките заедници ќе се доделуваат средства во износ не помал од 50 отсто и не поголем од 70 отсто за направените трошоци за печатење и за дистрибуција.
Субвенциите ќе им се доделуваат на печатените медиуми од општ информативен карактер, коишто објавуваат содржини насочени кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културолошки прашања. Медиумите што ќе добијат владини пари ќе треба да ги имаат подмирено сите обврски кон државата и кон вработените.
Во процесот на договарање учествувала Асоцијацијата на печатени медиуми, а ЗНМ дало свои предлози.