Ѓорчев побара од Судот милост за обвинетите за „27 април“
Пратеникот Влатко Ѓорчев попладнето во Кривичниот суд во Скопје сведочеше за настаните од 27 април и побара милсот за обвинетите.
"Го молам судот за милост и човечност за овие луѓе, затоа што како што замолував на 27 април да не се тепаат луѓе, молам и замолувам да не се отиде предалеку со овие луѓе. Овие луѓе исто како и тие што беа тепани во Собранието имаат семејства и затоа што кога се ова ќе заврши ќе треба на улица да си кажеме добар ден. Молам да нема повеќе жртви за 27 април", истакна пратеникот Влатко Ѓорчев.
Ѓорчев е сведок предложен од одбраната на обвинетиот Мунир Пепиќ. Неговиот адвокат на почетокот посочи дека од листата на предложени сведоци го повлекува предлогот да биде сослушана Рaдмила Шекеринска-Јанкоска за која, како рече, по увидот во нејзината изјава во обвинителството немало ништо што би било од интерес на одбраната.
Одговарајќи на прашање, Ѓорчев рече дека не го познава обвинетиот Мунир Пепиќ, но дека знае дека на 27 април помогнал во евакуација на повредените и во смирување на ситуацијата, која според него, била многу хаотична.