Големи акции против италијанската мафија ширум Европа
Властите во Германија, Италија, Белгија и во Холандија денеска спроведуваат координирани рации против италијанската мафија во тие земји, соопшти германската сојузна полиција. Како што се наведува во соопштението, во рациите поврзани со кланот Ндрангета, организирана криминална група од југот на Италија, спроведени рано изутринава, се уапсени повеќе лица. Главните операции во Германија биле во сојузната држава Северна Рајна Вестфалија на границата со Холандија и со Белгија и во Баварија на југ. Операцијата ја координира европската агенција за борба против прекуграничниот организиран криминал Еуроџаст.
Рациите се кулминација на истрагата „Полино“ отворена во 2016 година против криминалната организација Ндрангета поради наводите за трговија со кокаин, перење пари, поткуп и насилство, информира Еуроџаст.
Италијанската полиција соопшти дека во голема полициска акција во неколку земји во Европа и во Јужна Америка биле уапсени околу 90 осомничени. Тие главно делувале во областа Реџе ди Калабрија на југот на Италија.
Специјалниот обвинител за борба против мафијата, Никола Гратери, неодамна во Рим изјави дека Ндрангета е единствената мафијашка организација присутна на сите континенти – во Западна Европа, Северна и Јужна Америка, Африка, а сега се шири и во Источна Европа и во Азија.
Италијанската полиција во голема операција вчера уапси околу 45 осомничени членови на сицилиската мафија, вклучувајќи го и новиот шеф Сетимо Минео, наследникот на Тото Рина, кој почина во затвор минатата година.