Нуклеарниот договор од 1987 пред пропаѓање, ЕУ бара САД и Русија да го почитуваат
Рускиот претседател Владимир Путин денеска рече дека планот на Вашингтон да се повлече од Спогодбата за нуклеарни сили со среден дострел од 1987 година е лоша одлука и оти и Москва ќе го следи нивниот пример. Претходно, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, соопшти дека Русија добила официјално известување од Вашингтон дека САД имаат намера да се повлечат од Спогодбата, ако Москва не почне да го почитува договорот. Таа изјави дека во известувањето се наведуваат неодредени докази за прекршување на договорот, кои ги нарече шпекулации. Таа рече дека Русија секогаш го почитувала договорот, кој го смета за „еден од клучните столбови на стратешката стабилност и меѓународната безбедност“.
Путин рече дека САД сакаат да ја искористат Русија како жртвено јагне за пропаѓањето на договорот, обвинувајќи ја за прекршување.
„Каков ќе биде нашиот одговор? Многу едноставен: Ние ќе го направиме истото“, рече Путин, посочувајќи дека и Русија нема да се придржува до договорот ако САД се повлечат.
Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, пак, ги повика Русија и САД да ја зачуваат Спогодбата потпишана за време на Студената војна.
„Договорот кој го потпишаа Москва и Вашингтон го гарантира мирот и сигурноста на европската територија во изминатите 30 години“, рече таа при доаѓање во седиштето на НАТО во Брисел каде што се одржува состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера на состанокот на НАТО во Брисел рече дека Вашингтон ќе се повлече од договорот, ако Русија не го демонтира ракетниот систем Новаторс, кој според САД го прекршува договорот, кој забранува балистички ракети со дострел од 500 до 5500 километри.
Во вчерашната заедничка изјава, министрите за надворешни работи од земјите-членки на НАТО ја повикаа Русија да се придржува до договорот. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека иако Москва има последна шанса да се поправи, „мора да почнеме да се подготвуваме за свет без договорот“.