Кумуцакос – Ако овој не помине, Нова демократија ќе преговара за нов договор за името
Ако Договорот од Преспа не дојде во грчкиот Парламент од оваа Влада, тогаш отвора пат за нови преговори, вели Јоргос Кумуцакос, одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија. Во интервјуто за грчкиот весник „Реал њуз“, тој вели дека Нова демократија нема да гласа за договорот, „ниту сега, ниту подоцна, ако Ципрас не го донесе во сегашниот парламент“.
„Ова, за нашата влада отвора само еден пат: нови преговори. За решение заемно прифатливо и цврсто. Што целосно ќе му служи на националниот интерес. Договор ослободен од секаков елемент што го одржува и храни историски неточниот иредентизам на Скопје и опасниот национализам на различни екстремни кругови. Добро знаеме дека таквите преговори ќе бидат исклучително тешки. Ќе се водат во неповолна меѓународна средина и ќе бидат оптоварени од претходното од Договорот од Преспа. Од она што не само што беше разговарано, туку и договорено од владата во заминување на СИРИЗА и Независни Грци“, вели Кумуцакос и додава дека оваа тешкотија не ги плаши бидејќи нивен компас е националната должност и националниот интерес.
Пред неколку месеци, и потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, рече дека ако овој договор не помине, тие ќе постигнат подобар за Македонија.