ЕУ воведе санкции против уште деветмина украински сепаратисти
Европската унија денеска воведе санкции против уште девет луѓе поради „нелегалните“ избори во источна Украина минатиот месец, додека размислува како да му помогне на Киев во тензиите со Москва во Црното Море.
Министрите за надворешни работи од ЕУ денеска им го замрзнаа имотот и воведоа забрана за влез во земјите-членки на Унијата за девет локални и изборни функционери во Доњецк и во Луганск. Со тоа, вкупно 164 луѓе се под санкции поради „постапки кои го подриваат или му се закануваат на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина“. На листата има и 44 компании и организации. Министрите за надворешни работи од ЕУ денеска треба да разговараат и со нивниот украински колега Павло Климкин.
Украина и нејзините меѓународни поддржувачи, меѓу кои и ЕУ и САД, ги оценија изборите од 11 ноември во областите под контрола на сепаратистите во Доњецк и Луганск, како измама.
Руската крајбрежна стража минатиот месец пукаше во три украински воени бродови во Керчскиот Теснец, по што ги зароби бродовите и ги уапси нивните посади.