Порошенко го потпиша законот за прекин на пријателството со Русија
Украинскиот претседател Петро Порошенко го потпиша законот за прекин на Договорот за пријателство со Русија. Во видео коментар објавен на интернет страницата на претседателот, тој вели дека законот е дел од „стратегијата за целосен прекин со колонијалното минато и реориентација кон Европа“.
Договорот истекува на 31 март наредната година, а украинскиот парламент на 6 декември изгласа да не се продолжува. Договорот од 1997 година ги обврзува Русија и Украина меѓусебно да „го почитуваат територијалниот интегритет и ја потврдува неповредливоста на актуелната меѓусебна граница“. Исто така се наведува дека Украина и Русија треба да градат билатерални односи „врз основа на принципите на меѓусебно почитување на суверената еднаквост, неповредливост на границите и мирно решавање на разликите, без употреба на сила или закана за употреба на сила“.
Украинските владини сили се борат против сепаратисти, поддржани од Русија, во источна Украина од 2014 година, кусо по руската анексија на Кримскиот Полуостров од Украина. Иако Русија негира вмешаност во конфликтот, Меѓународниот суд на правдата во ноември 2016 година пресуди дека борбите во источна Украина се „меѓународен вооружен конфликт меѓу Украина и Руската Федерација“.