Ревидиран билансот на жртви од нападот во Стразбур – Двајца мртви, 14 ранети
Во нападот во Стразбур загинале двајца луѓе, а 14 се повредени, од кои седум потешко, информира денеска регионалната полиција, ревидирајќи го бројот на загинати. Ноќеска беше јавено дека загинале четворица луѓе во нападот кој се случи околу 20 часот. Потоа, министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер на прес-конференција рече дека има тројца загинати.
Напаѓачот, кој се уште е во бегство, е идентификуван како 29-годишен маж, познат на полицијата како ситен криминалец кој бил под полициска присмотра поради сомневања за верски радикализам. Тој пукаше во луѓето во историскиот центар на Стразбур, каде што на божиќниот маркет се собираат бројни туристи од целиот свет. Припадниците на воената патрола го раниле напаѓачот, но тој избегал и по него е организирана опсежна потрага.