Гласање за недоверба на британската премиерка Тереза Меј
Членовите на британската владејачка Конзервативна партија ќе гласаат за недоверба во водството на премиерката Тереза Меј, изјави денеска партиски функционер. Греам Брејди рече дека е постигнат потребниот праг од 48 писма од конзервативни пратеници со кои се бара да се гласа за недоверба во партискиот лидер.
Гласањето за Договорот за Брегзит требаше да се одржи вчера, но беше одложено. Пратениците луто реагираа на овој потег.
Тереза Меј, која стана премиерка набрзо откако Британија изгласа да излезе од ЕУ во 2016 година, во партијата е критикувана поради нејзиниот договорен план за Брегзит. Многумина пратеници се гневни поради начинот на кој таа ги водеше преговорите со ЕУ за условите за излез од Унијата. Британија треба да ја напушти ЕУ на 1 март догодина.
Меј рече дека на гласањето ќе се бори со сè што има на располагање.
Гласањето за недоверба ќе се одржи вечерва. Доколку таа добие мнозинство, нејзиното водство не може да биде доведено во прашање уште најмалку една година. Доколку, пак, ѝ биде изгласана недоверба, Конзервативците ќе бираат нов лидер, а таа нема да може да се кандидира. Би-би-си објави дека е можно, доколку таа победи, но не со убедливо мнозинство, сепак да поднесе оставка како лидер на партијата.
Со оглед на тоа што Конзервативната партија е најголема во Британскиот парламент, се очекува нејзиниот лидер да биде премиер.