Хрватска ќе увезе скоро 64 илјади странски работници
До крајот на овој месец, хрватската Влада ќе ја утврди годишната квота за вработување на странци во 2019 година на која, според предлогот, би требало да се најдат дури 63.600 работници. Хрватска првпат ќе увезе и 200 постојани медицински сестри или техничари, но сепак најмногу недостигаат работници во градежниот и во туристичкиот сектор.
Извршниот директор на хотелите „Јадранка“, Рикардо Хески изјави дека има најмногу работници од Славонија, а од странците од БиХ, Србија и Македонија.
Претставникот на хрватската Управа за пазар на труд и вработување Даворко Бишкулиќ – Лемиќ изјави дека квотата за вработување странци во 2019 година е значително поголема од минатата година, но соодветствува со реалните потреби на пазарот за труд.
„Хрватска во Заводот за вработување има 147 илјади невработени и целта ни е да ја активираме и домашната работна сила“, нагласи Бушкулиќ – Лемиќ.