Новинарите му понудија, па Арнаудов рече дека се шегувал дека бара 50 евра за изјава
Новинарите кои го следат рочиштето за „27 април“ во Кривичниот суд во Скопје на паузата му понудија пари за изјава на обвинетиот пратеник Љубен Арнаудов, кој утринава рече дека изјава ќе даде за 50 евра, но тој рече дека само сакал да се пошегува.
„Немав намера да ги навредам новинарите. Само сакав да се пошегувам“, рече Арнаудов, откако му беа понудени пари за негов коментар за тоа дали ќе поднесе барање за амнестија.
Од останатите обвинети единствено пред новинарите застана началникот на обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски Леви. Тој рече дека не може ништо да коментира пред да се консултира со бранителите.
Обвинетите Јане Ченто и Игор Југ, пак, пред судот рекоа дека нема да бараат амнестија и дека не го признаваа селективниот закон.
Ченто рече дека бара правда и сака да му суди судот, а не политичките елити.
Југ, пак, рече дека нема да дозволи да биде нечија монета за поткусурување.
Собранието завчера, по скратена постапка, со 95 гласа „за“, и без против и воздржани, го донесе Законот за амнестија за насилствата на 27 април минатата година. Согласно законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања. Секој од обвинетите ќе треба сам да побара помилување, а судот и обвинителството ќе одлучат дали амнестијата го опфаќа и него.