Путин – Не треба да се потценува ризикот од нуклеарна војна
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека не треба да се потценува ризикот од нуклеарна војна и ги критикуваше САД за повлекување од договорите за вооружување. Зборувајќи на годишната прес-конференција, Путин рече дека се надева дека ќе надвладее здравиот разум, и покрај зголемените тензии меѓу Москва и Западот.
Путин рече дека нуклеарната војна може да доведе до „смрт на целата цивилизација“, втор пат во изминативе месеци давајќи коментари за можноста од таква катастрофа. Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека постои опасна „тенденција да се потценува“ ризикот.
Путин рече дека повлекувањето на САД од Договорот за антибалистички ракети во 2002 година го поткопало „стратешкиот баланс“ меѓу Москва и Вашингтон и дека американските планови за повлекување од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел е „уште еден чекор“ во таа насока.
Тој рече дека е лошо што САД и Русија не одржуваат разговори за новиот СТАРТ – Договор за нуклеарно оружје со долг дострел, кој истекува во 2021 година, но може да биде продолжен за пет години ако двете држави се согласат.
Кремљ соопшти дека за годишната прес-конференција на Путин се акредитирале рекорден број од над 1700 новинари.