Дроновите над Гетвик се намерни, но нема назнаки за тероризам
Британската полиција денеска соопшти дека верува оти летањето на беспилотни летала над аеродромот Гетвик во Лондон е намерен чин, но дека нема назнаки за поврзаност со тероризам.
„Веруваме дека станува збор за намерен чин чија цел е попречување на аеродромскиот сообраќај. Меѓутоа, нема никакви навестувања кои би укажале на поврзаност со тероризам“, рече полицискиот командир Џастин Бартеншо, пренесува Асошиејтед прес.
На вториот најпрометен британски аеродром сообраќајот е во прекин од синоќа, со што се погодени околу 10 илјади патници. Полицијата наведува дека првиот дрон бил пријавен синоќа по 21 часот, а дека леталото последен пат било забележано утринава пред 9 часот по локално време. Полициската потрага по операторите за наведување на дроновите сè уште трае.Каков било проблем на Гетвик доведува до пореметувања во авионскиот сообраќај во Велика Британија, но и во Европа, особено за време на празниците.