Заев – Писмото од Бејли треба да нè загрижи
Испраќањето на писмото од американскиот амбасадор Џес Бејли до судовите треба да нè загрижи сите, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања на денешната собраниска седница.
„Не ги знам деталите и каде е сомневањето што амбасадорот Бејли го нотира во писмото. Повеќе ја сфатив пораката да се испрати до правосудството и да не се вадат на Амбасадата при носење на одлуките“, рече Заев.
Тој посочи и дека ќе ја задолжи министерката за правда Рената Дескоска да го отвори тоа прашање во Судскиот совет.
Дел од медиумите претходно објавија дека американскиот амбасадор Џес Бејли му пишал на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев дека е разочаран од секојдневните информации што стигнувале до него дека судии носеле пресуди и одлуки за притвор под диктат на амбасадата на САД. Бејли предупредил дека тоа е тешка злоупотреба и лажење од страна на судиите.
Писмото било испратено и до министерката за правда Рената Дескоска, претседателката на Апелациониот суд Лидија Димчевска, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски и до претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.