Влада – Иванов е претседател заглавен во минатото
Претседателот Ѓорге Иванов и со денешното свое обраќање пред Собранието продолжи да ги дели граѓаните и потврди дека живее во свет на заговори, реагира Владата на годишното обраќање на претседателот. Наместо да го прочита Договорот од Преспа, и да ги поддржи гаранциите за идентитетот и за просперитетот кои ги нуди овој Договор, тој продолжува да шири невистини и омрази, обидувајќи се со тоа да го попречи напредокот на граѓаните на Македонија, реагира Владата.
Во реакцијата се наведува дека Претседателот конструира измислици дека е жртва на некакви активности против него без никаква основа.
„Тоа го прави Иванов претседател заглавен во минатото, пасивен, дефокусиран, без јасно изразена европска и евроатланска агенда. Иванов е политичар кој не е посветен на стратешките интереси на државата. Иванов си оди. Тој не успеа и нема да успее да ги попречи интеграциите, напредокот и пријателствата кои ги гради Република Македонија. Иванов може да зборува само за еден единствен неуспех – сопствениот, неуспехот на неговиот мандат. Со сите свои постапки Иванов сакаше да го запре просперитетот, но не успеа“, се посочува во соопштението од Владата.