Сириската војска го презеде курдскиот град Манбиџ
Сириската војска денеска соопшти дека, прв пат по шест години, ја презела контролата врз Манбиџ, градот кој беше под контрола на Курдите, и на кој му се закануваше турска офанзива. Оваа објава уследи откако главната воена формација на сириските Курди ја повика владата да го преземе Манбиџ и така да спречи напад. Таквиот развој навестува дека сириската влада и Курдите постигнале некаков договор.
Сириската војска соопшти дека одговорила на повикот на жителите на Манбиџ и вети безбедност за сите кои живеат во градот.
Русија, која е клучниот сојузник на сирискиот претседател Башар ал-Асад, го поздрави ваквиот развој на настаните, но Турција го осуди.
Сириските Курди, со поддршка од САД, го презедоа Манбиџ од Исламската држава во 2016 година.
Турција ги смета курдските единици за терористички групи и се закануваше со воена операција против Манбиџ. Таа закана доведе до американската објава дека ќе ги повлече војниците од Сирија.
Курдските сили за заштита, пак, соопштија дека ја поканиле сириската војска да ја преземе контролата врз областите од кои се повлекуваат, особено во Манбиџ и да ги заштити тие области од турска инвазија.
Сепак, високиот курдски претставник Илхам Ахмед денеска рече дека сириската војска дошла до предградијата на Манбиџ, но дека не ја презеле контролата врз градот, како и дека американските сили стационирани во близина не се повлекле. Ахмед рече дека се работи на договор со Русија и со владата во Дамаск, во случај на целосно американско повлекување, војската на Сирија да ја преземе контролата врз областа.
„Целта е да се одврати турската офанзива. Ако за Турците се изговор курдските единици, тие ќе ѝ ги препуштат нивните позиции на владата“, рече Ахмед, кој додаде дека курдските борци сè уште се во градот.