Се одржува новото примирје во источна Украина
Новото примирје меѓу украинските сили и сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина, се чини оти се одржува во најголем дел. Прекинот на огнот во конфликтната зона стапи на сила на 29 декември во 12:01 часот по локално време.
Борбите таму избувнаа во април 2014 година, еден месец откако Русија незаконски презема контрола врз украинскиот Полустров Крим. Околу 10.300 луѓе загинаа во крвопролевањето.
Украинската армија регистрираше сепаратистички оган врз позициите на нивните сили во текот на 29 декември, но соопшти дека немало жртви.
Сепаратистите ги обвинија украинските сили за бројни прекршувања на прекинот на огнот, но ниту тие не пријавија жртви.
Москва негира поддршка на сепаратистите, ниту со оружје ниту со средства. Но, Меѓународниот кривичен суд во ноември 2016 година пресуди дека борбите во источна Украина биле „меѓународен вооружен конфликт меѓу Украина и Руската Федерација.“
Сегашното примирје е предвидено да трае најмалку до 7 јануари, кога повеќето православни христијани ќе слават Божиќ.