Новогодишни честитки на Заев и Мицкоски
Премиерот Зоран Заев во новогодишно обраќање до граѓаните вели дека 2018 година е една од најважните и најчувствителните години за Македонија, година на интеграциите. Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, посакувајќи им успех на граѓаните во 2019 година, вели дека во годината што измина памети црно и мачно време.
Заев порача дека Македонија ја градат да биде богата и современа држава, во која сите граѓани и нивните семејства ќе имаат пристоен живот и благосостојба
„Да ги направиме реалност нашите желби и цели – мирна и стабилна земја, во сојузништво и со членство во НАТО и ЕУ, глобална и праведна Македонија со економија која функционира за секого“, вели Заев.
Од друга страна Мицкоски обвинувајќи ја власта предводена од СДСМ вели дека нема подобар живот, дека економијата не расте, нема инвестиции, а според него здравството и образованието се пред колапс.
„Наместо тоа, афери, скандали, руинирано и клекнато судство, притисоци. Сакаат да станеме апатични поради колективната несреќа која ја донесоа. Да се навикнеме на тешкиот живот, да ја нарушат самодовербата, да го скршат карактерот, за да може полесно се да им минува. Очигледно не си ги познаваат граѓаните доволно, ги потценуваат“, вели Мицкоски додавајќи:
„Кога ми беше најтешко во годината што помина? Кога го менуваа името, посегнаа по идентитетот. Длабока рана оставија“, вели Мицкоски.
Заев вели дека преку изградба на пријателство со Грција, одговорно затвориле спор што Македонија ја влечел надолу 27 години.
„Избравме иднина, наместо неизвесна изолација. Денес, нашата држава е на чекор да стане 30-та членка на најмоќната алијанса во светот, НАТО. Се подготвуваме за почеток на преговорите со Европската унија, процес со кој градиме држава по европски стандарди и со што стануваме рамноправни со граѓаните од Европската унија“, вели Заев.