Во Русија уапсен Американец осомничен за шпионажа
Руската Федерална служба за безбедност денеска соопшти дека уапсила американски државјанин осомничен за шпионирање. Тој бил уапсен на 28 декември во Москва и против него била отворена кривична истрага. Руската новинска агенција ТАСС јави дека Американецот, доколку биде прогласен за виновен, се соочува со казна затвор од 10 до 20 години. До ова доаѓа ден откако рускиот претседател Владимир Путин во новогодишната честитка до американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Москва останува отворена за дијалог со Вашингтон. Односите меѓу САД и Русија остануваат затегнати поради голем број прашања, вклучувајќи ја и улогата на Русија во војните во Сирија и источна Украина, нејзиното наводно мешање во изборите во САД, како и труењето на рускиот агент Сергеј Скрипал во Британија.