МВР немаше законско право да го следи Груевски, тврди министерот Спасовски
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека јавноста со право негодува за бегството на Никола Груевски и дека тоа бегство отворило прашања и за пропусти, но дека МВР не поседувало законски права да го следи поранешниот премиер.
„Станува збор за човек кој е олицетворение на режим кој владееше во оваа држава 11 години. Многу неправди беа нанесени, многу човечки судбини уништени заради своеволието на овој човек. Бегството отвори многу дилеми и се постави прашањето за постапките или можните пропусти и во Министерството за внатрешни работи“, вели Спасовски во интервју за „Независен весник“.
Министерот додава дека „отворањето на овие прашања е легитимно и имаат одговори, но за да се зборува со отворени карти, ќе мора да се почека истрагата на Јавното обвинителство“.