Заев ќе го убедува Касами да гласа за уставните измени
Премиерот Зоран Заев попладнево во неговиот кабинет ќе се сретне со лидерот на БЕСА Билал Касами во рамки на консултациите со политичките партии за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени, потврдија за МИА од владината прес-служба. Заев вчера изјави дека ќе стори сè да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка на уставните амандмани, на пленарната седница. Тој е оптимист дека процесот ќе заврши успешно, и порано од предвидениот датум за гласање на амандманите предвиден за 15 јануари, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува во расправата, но и дека поддршката со број на пратеници ќе се знае на чинот на гласањето.
Тој најави дека наредните денови, покрај со Касами, ќе се сретне и со Зијадин Села од Алијансата на Албанците.
Третата и последна фаза од имплементацијата на Преспанскиот договор започнува следната недела на 9 јануари кога е закажана собраниската седница за усвојување на уставните измени. Текстот на амандманите на Уставот на предлог на Владата за да поминат треба да бидат поддржани од најмалку две третини од пратениците во законодавниот дом.