Над 750 уапсени на протестот поради влегување на две жени во хиндуистички храм во Керала
Индиската полиција денеска соопшти дека уапсила над 750 луѓе на протестот поради тоа што две жени влегле во хиндуистички храм во јужната држава Керала. Полицијата употребила солзавец да ги растера демонстрантите. Протести се одржале и на други места.
Повод за протестот е тоа што две жени, со полициска придружба, влегле во храмот каде што им беше забранет влез на девојчињата и жените од 10 до 50-годишна возраст.
Влезот за жени од 10 до 50 години во храмот Сабаримала неформално беше забранет многу години, а забраната во 1972 година беше преточена во закон. Судот на државата Керала во 1991 година ја поддржа забраната, но Врховниот суд на Индија ја укина во 2018 година. Некои верници поднесоа жалба тврдејќи дека одлуката за укинување на забраната е спротивна со целибатот на божеството Ајапе.
Неколку милиони жени во Керала, пак, пред неколку дена протестираа за родова еднаквост и против барањата на конзервативците.