Британија бара Русија да не игра „дипломатски шах“ преку судбините на поединци
Велика Британија ја предупреди Русија да не игра „дипломатски шах“ по апсењето на Американецот Пол Вилен, кој има и британско државјанство, под обвинение за шпионажа.
„Не се согласуваме со тоа поединци да се користат во дипломатските шаховски игри. Ние сме крајно загрижени за него и за неговото семејство“, изјави шефот на британската дипломатија Џереми Хант за Би би си.
Руската Федерална служба за безбедност на 31 декември соопшти дека го уапсила поранешниот американски маринец Пол Вилен, кој наводни шпионирал во Москва. Неговото апсење доаѓа во период на затегнати односи меѓу Москва и Западот поради низа прашања, вклучително и руската улога во војните во Сирија и во источна Украина, како и наводното мешање во изборите во САД и труењето на поранешниот руски шпион во Британија.
Хант рече дека му понудиле конзуларна помош на Вилен, но дека САД го водат случајот, имајќи предвид дека уапсениот има двојно државјанство.
Интерфакс објави дека вчера било поднесено обвинение против Вилен. Неговиот адвокат Владимир Жеребенков изјави дека се очекува неговиот клиент да остане во притвор најмалку до крајот на февруари, но дека поднеле жалба и бараат да биде пуштен да се брани од слобода.
Семејството на Вилен негира дека тој бил шпион, туку дека бил во Москва на свадба.
Вилен е поранешен американски маринец кој живее во Мичиген и е директор за безбедност на американскиот добавувач на резервни автомобилски делови БоргВарнер.
Пред неколку недели, Марија Бутина се изјасни за виновна пред американскиот суд под обвиненијата дека е агент на Кремљ. Москва негира дека Бутина е руски агент и организираше кампања на социјалните медиуми за нејзино ослободување. Во минатото, Русија апсеше странци за да врши размена на затвореници со други држави.