Косово- проширена истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ
Косовското Специјално јавно обвинителство ја прошири истрагата за убиството на еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, врз основа на информации добиени од една странска разузнавачка агенција. Како што јави РТК, Специјалното обвинителство информирало дека од разузнавачката агенција биле добиени извештаи и фотографии, кои ќе станат дел од материјалите во истрагата за убиството на Ивановиќ.
Според овие нови сознанија, групата што го извршила убиството на Ивановиќ се состоела од пет лица, кои „се доведени во врска со „Вождовачкиот клан“ и биле ангажирани од страна на српската тајна служба“.
Ивановиќ, кој беше лидер на партијата на косовските Срби, Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), беше убиен на 16 јануари минатата година пред партиското седиште, недалеку од неговиот дом во Северна Митровица. Во врска со убиството на Ивановиќ досега се приведени три лица, на кои Апелацискиот суд на Косово вчера им го продолжи притворот до 23 февруари.