Болтон бара гаранции дека Турција нема да ги нападне сириските Курди
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Џон Болтон, денеска во Анкара се сретна со високи турски претставници за да ги расчисти прашањата околу американските намери во Сирија и да побара гаранции дека Турција нема да ги нападне сириските Курди, кои Анкара ги смета за терористи. Тој се сретна со Ибрахим Калин, советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Болтон соопшти дека ќе побара гаранции дека Турција нема да ги нападне курдските милиции во Сирија, кои им се сојузници на САД во борбата против Исламската држава. Тој рече дека тоа е „условот“ за планираното повлекување на американските сили од североисточна Сирија.
Претседателот Трамп претходно најави повлекување на американските 2.000 војници од Сирија, што доведе до оставката на министерот за одбрана Џејмс Матис. Постои стравување дека американското повлекување може дополнително да ја дестабилизира Сирија и да доведе до истребување на курдските милиции кои се американски сојузници.
Пред да дојде во Турција, Болтон беше во Израел, каде што исто така постои загриженост поради американското повлекување.
Во авторски текст во Њујорк тајмс објавен вчера, турскиот претседател Ердоган предупредува дека американското повлекување мора внимателно да се планира и да се спроведе со вистинските партнери и оти Турција е единствената држава која може да ја изврши таа задача.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера за Си ен би си рече дека Ердоган ветил дека ќе ги заштити курдските борци во Сирија.