Американецот осомничен за шпионажа во Русија останува во притвор
Рускиот суд одби да го пушти Американецот Пол Вилан да се брани од слобода и му го продолжи притворот до крајот на февруари. Вилан се соочува со обвинение за шпионажа, а тој негира.
Адвокатот на 48-годишниот Вилан, Владимир Жеребенков, изјави дека ќе се жали на одлуката и ќе бара ослободување од притвор.
Пред неколку часа, адвокатот Жеребенков, со кренати веѓи изјави дека кај неговиот клиент при апсењето биле пронајдени класифицирани информации, но оти не е јасно како ги добил и дали бил свесен за нив.
Вилан, кој е поранешен американски маринец, освен американското, има и државјанства на Ирска, Велика Британија и Канада. Тој беше уапсен во Москва на 28 декември минатата година. Руските власти тврдат дека бил фатен при шпионажа за што се соочува со затвор меѓу 10 и 20 години.
Неговото семејство тврди дека тој не е шпион и дека во Москва бил на свадба на пријател.
Неговото апсење ги поттикна шпекулациите дека би можел да биде разменет за некои од Русите кои се во притвор во САД, како што е активистката за носење оружје Марија Бутина, која се изјасни виновна дека дејствувала како странски агент во САД.