Договорот од Преспа утре на пленарна седница во грчкиот Парламент
Комисијата за надворешни работи и одбрана при грчкиот Парламент по дводневна расправа го усвои нацрт законот со кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа, по што утре во 10 часот наутро по локално време ќе биде ставен на пленарна седница, додека гласањето ќе биде во четврток вечер.
На расправата во Комисијата се обратија 38 пратеници и двајца известувачи, а претседателот на Комисијата, пратеникот на СИРИЗА Костас Дузинас, рече дека од дискусијата и изнесените стравови на членовите, ратификацијата на Конечниот договор за решавање на разликите и прекинување на Времената спогодба од 1995 година, како и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, е усвоено со мнозинство и секој член во целост.
Во усвоениот нацрт закон, првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцелариајта за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.