Џафери да закаже итна собраниска седница за мерките против загадувањето
Членовите на Комисијата за транспорт и врски донесоа едногласна одлука претседателот на Собранието, Талат Џафери, што поскоро да ја закаже седницата на чиј дневен ред како точка се ставени заклучоците со препораки и мерки за намалување на загадувањето на воздухот, донесени на јавна расправа во Комисијата за транспорт и врски во декември минатата година.
Барањето до Џафери е на иницијатива на пратеничката од ДОМ Лилјана Поповска која побара одговор каде, како што рече, „потонале усвоените заклучоци" и зошто не е закажана седница на која требало да се изгласаат и по нив да се постапува.
„Кој ги кочи тие мерки против загадувањето што ги усвоивме со консензус? Сите присутни од сите партии и независни пратеници заклучивме дека треба да се водат сериозни контроли на сите индустриски и стопански објекти, да се направи попис на загадувачи, да се прави контрола на градилиштата, ревизија на деталните урбанистички планови, да се применат законските одредби за задолжително зеленило, да се реши отпадот во сите општини, да се засилат инспекциските контроли и на државно и на локално ниво, и редица други работи. Нашите заклучоци требаше да се вратат на собраниска седница, но немавме седница“, рече Поповска.