Заев со Хан и Столтенберг во Давос - Преспанскиот договор го отвора патот кон ЕУ и НАТО
Поддршка за интеграциите кои земјата ја носат напред искажале еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на денешните средби со македонскиот премиер Зоран Заев на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
На средбата со еврокомесарот Хан, како што соопшти владината прес-служба, било констатирано дека спроведувањето на Договорот од Преспа се одвива според планираното и дека сега е време сиот напор на политичките процеси во Република Македонија да се фокусира на нагласена имплементација на реформите, за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ.
Во разговорот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг уште еднаш биле афирмирани пораките за поддршка и охрабрување што и понатаму стигаат од НАТО, да се финишира спроведувањето на Договорот од Преспа, како и очекувањето на почетокот на ратификацијата на протоколот за членство.
Шефот на македонската Влада на Светскиот економски форум во Давос е придружуван од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и од министерот за економија Крешник Бектеши.