ОН ќе почнат независна меѓународна истрага за убиството на новинарот Кашоги
Специјалниот известувач на ОН, Агнес Каламард изјави дека следната недела ќе отпатува за Турција за да започне со независна меѓународна истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, објави новинската агенција Ројтерс. Таа во изјава за агенцијата најави дека ќе ја искористи оваа посета за да процени што направила владата како одговор за убиството на Кашоги.
Саудискиот новинар на 2 октомври минатата година влезе во саудискиот конзулат во Истанбул за да ги подигне документите кои му беа потребни за неговата венчавка, по што му се изгуби секоја трага. Турција ја обвини Саудиска Арабија за убиството на Кашоги, но официјален Ријад ги демантираше ваквите наводи. Саудиска Арабија веднаш по убиството на Кашоги покрена истрага, но неговото тело и по неколку месеци не е пронајдено.