Финансиска полиција со кривична за поранешниот градоначалник Захариев
Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Штип Илчо Захариев денеска поднесе Финансиската полиција, поради оштета на државниот буџет во вредност од 420 илјади евра. Во соопштението што го објави Управата за финансиска полиција, Захариев и овозможил на штипската фирма „Коле Транс“ бесправно користење песок од коритото на Брегалница , по што биле поднесени кривични против него и против поранешниот директор на јавното претпријатие „Стипион“ Игно Иванов. Против нив е поднесена пријава за злоупотреба на службена должност, а против управителот на фирмата кој во соопштението е наведен со инцијали Р.Г. е поднесена пријава за „перење пари“.
Според соопштението поранешниот градоначалник без да објави повик за јавна набавка на коритото на реката Брегалница, донел одлука за сметка на општината како корисник на дозволата, јавното претпријатие да изврши регулација и уредување на речното корито кај село Софилари, а неискористениот речен материјал да го искористи за редовно и зимско одржување на локалните патишта и улици.
Поранешниот директор на „Стипион“ кое немало капацитети ниту механизација за тоа во договор во четири очи склучил договор со фримата „Коле Транс“ со што на обвинетиот сопственик му овозможил бесправно да искористи 42.814,57 метри кубни песок од коритото на Брегалница по пазарна цена од 600 денари за тон, појаснуваат во соопштението од Финансиската полиција.
Во него додаваат дека сопственикот на фирмата „Коле Транс“ нелегално стекнатите пари ги инвестирал во купување удел во Друштво за хотелиерство, туризам и угостителство ПЕЛА ГРУП ДООЕЛсо што го сторил кривичното дело „перење на пари и други приноси од казниво дело“.