Спасовски потврди, Димовски со полиција е спроведен во Суд
Актуелниот пратеник и поранешен министер за земјоделие Љупчо Димовски со полициска асистенција е спроведен на распит во Основниот суд Скопје 1 соопшти денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој денеска изјави дека МВР во соработка со обвинителството спроведе акција за приведување на четворица поранешни министри и заменици за земјоделство во врска со истрагата за злупотреба на службена положба со што го оштетиле буџетот за речиси милион ипол евра.
Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по свеченото затворање на Обуката „Идентификување на потеклото на пожар – несреќен случај или кривично дело“ што се одржа во Центарот за обука во Идризово во организација на Дирекцијата за заштита и спасување.
Основното јавно обвинителство бара притвор за четворицата поранешни министри и заменици, затоа што според истрагата тие се осомничени дека како раководители на министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство случувале договори за закуп на земјоделско земјиште и дозволиле закупувачите да не плаќаат надоместок за закуп. Обвинителството до сега открило 584 такви договори. На распит во Основниот суд Скопје 1 се поранешните министри Ацо Спасеновски, Михаил Цветков и Љупчо Димовски кој е актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, како и поранешниот заменик министер Кристијан Делев.