Почнуваат интервјуата на кандидатите за антикорупционери
На седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе бидат интервјуирани пријавените кандидати на огласот за именување на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. На огласот што го објави Собранието и кој траеше од 22 до 27-ми минатиот месец, според последните информации, биле пријавени околу 60 кандидати.
Интервјуата на кандидатите ќе се пренесуваат директно на Македонската телевизија, а ќе ги водат претставници од Македонската академија на науките и уметностите, Интерпарламентарната унија и здруженија на граѓани што се занимаваат со антикорупција.
Претходно беше избрана седумчлена Комисија за селекција на кандидатите за претседател и за членови на Државната комисија за спречување на корупција. Од редовите на пратениците ја сочинуваат Мухамед Зекири од СДСМ, Атран Груби од ДУИ, Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ и Владанка Авировиќ од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, додека Драги Целевски е номиниран од Народниот правобранител, а Сабина Факиќ и Бесим Небиу како претставници на здруженијата односно фондации назначени за членови во Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор.