Гутереш – Светот ја губи трката со климатските промени
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска изјави дека светот ја губи трката со климатските промени и дека тоа би „можело да биде катастрофа за Африка“ и за други места.
Зборувајќи пред почетокот на Самитот на Африканската унија во Адис Абеба, Гутереш повика на поголема политичка волја за финансирање и прилагодување.
Според него, Африка ќе плати повисока цена од климатските промени поради драматичните влијанија, иако тој континент не допринесува многу во глобалното затоплување. Растот на температурите во Африка ќе биде поголем.
Гутереш рече дека по неодамнешните чекори кон мир во Јужен Судан и меѓу Етиопија и Еритреја, „верува дека Африка станува пример дека е можно да се решат и спречат конфликтите“. Тој изрази надеж дека тој дух може да биде проширен и на остатокот од светот.