ВМРО-ДПМНЕ бара јавен обвинител и го замрзна учеството во процесот Жан Моне
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Мицевски денеска најостро го осуди како што го нарече“монтираниот политички процес во кој се кршат закони, покренуваат истраги, одземаат имунитети на пратеници”. Тој во име на пратеничката група побара државниот јавен обвинител да биде на предлог на опозицијата.
“Во една ваква недемократска атмосфера која директно го руши и предизборниот амбиент пратеничката група нема да ги поддржи системски процеси и закони додека власта не се согласи на јавен обвинител на предлог на опозицијата за испитување на сите криминални и корупциски афери”, рече Мицевски.
Тој обвини и за директно уривање на предизборниот амбиент, наведувајќи дека делувањето на власта “претставува директна закана за легитимноста на изборите”.
“Истовремено, целосно респектирајќи го процесот, но имајќи во предвид ненормалните околности наметнати од Владата и власта на СДСМ во која се монтираат случаи, сослушуваат пратеници кршат процедури ние го замрзнуваме нашето учество во процесот на Жан Моне, не затоа што не се согласуваме со целите на нашите меѓународни партии, туку затоа што власта создава ненормални околности за работа”, рече Мицевски.
Пратеникот наведе и дека за неколку месеци во собранието се спровеле седум постапки за одземање на имунитет на пратеници од опозицијата, а образложение за приведувањето на Вељаноски, Јанакиески и Ристоски, наведе Мицевски е бедно и недостојно за која било држава во која што би требало да владее правото и правдата.