Народниот правобранител ги истражува инцидентите во затворот “Скопје”
Омбудсманот во допис до медиумите информира дека ќе се обезбеди целосната документација, ќе се разговара со лицата кои учествувале во инцидентот, со очевидци и службени лица, ќе се изврши увид на местото на настанот, а ќе се обезбедат и видеоснимки од камерите за надзор. Ќе бидат повикани на разговор директорите на Управата за извршување на санкциите, Затворот„Скопје“ и на сите други службени лица за да дадат податоци во постапката и за објективно да се утврди настанот.
Институцијата ги повика раководствата на казнено-поправните установи, Управата за извршување на санкциите и Министерството за правда сериозно да се зафатат со подобрување на затворскиот систем во целина, а притоа, како што нагласува, особено да се има предвид сериозноста на ситуацијата, преку преземање мерки за обезбедување на физичкиот интегритет на лицата, мониторирање, превенирање и спречување физичко и друг вид насилство кое може да го загрози здравјето и животот на лицето додека ја издржува мерката притвор или казната затвор.