Собранието вечерва ќе расправа за имунитетот на Вељаноски
Претседателот на Собранието Талат Џафери, по цел ден размислување, ја закажа седницата за денеска во 21 часот. Станува збор пленарна седница на која пратениците ќе расправаат и одлучуваат за барањето од Основниот суд Скопје 1 за одредување мерка притвор, односно одземање на пратеничкиот мандат.
Одлуката за закажувањето на седницата следи по целодневни консултации за собраниските правила околу тоа дали треба да се разгледува барањето кога претходно на гласањето по ова прашање во Комисијата за мандатно- имунитетни прашања заврши нерешено.
Според извештајот кој беше доставен до претседателот на Парламентот е наведено дека по дводневна дебата со 4 гласа „ за“ и 4 гласа „против“ Комисијата не зазеде став по барањето за одобрување на притвор за пратеникот Трајко Вељаноски.
Вељаноски заедно со поранешните министрите, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка притвор. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека се работи за политички прогон.