Спасовски: Нема случаи на киднапирање и вадење органи, тоа се дезинформации
Ниту има случај на киднапирање, ниту, пак, на лицата што во последните неколку случаи си го одземаа животот им недостигале органи. Тоа го потврди судска медицина. Во земјава нема ниту еден случај на убиство поради вадење органи, потенцираше денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој уште еднаш најостро ги демантираше информациите и шпекулациите во кои се злоупотребуваат актуелните случаи на исчезнати лица.
„Категорично ги отфрлам шпекулациите за наводни киднапери и наводна продажба на човечки органи. Тоа се лаги и дезинформации“, рече министерот и посочи дека на ваков начин им се наштетува на општеството и на граѓаните, на кои навистина им треба помош.
Апелираше граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на ваквите лаги и како апсолутно неточни ги оцени наводите дека расте бројот на исчезнати лица.
„Напротив, статистичките податоци покажуваат дека во 2018 година имало 370 пријавени исчезнати лица, а на пример во 2014 имало 574“, истакна Спасовски.
Потенцираше дека во континуитет во изминативе пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94 проценти. Спасовски рече дека во ширењето на овие лажни информации и шпекулации учествува одредена структура на луѓе, најчесто тоа го прават од политички побуди, но и поради други интереси.
„Многу е лесно да седнете пред компјутер и да напишете што било и со тоа во јавноста да кренете паника“, рече Спасовски.