Пакистан отвори дел од воздушниот простор
Дел од воздушниот простор на Пакистан повторно е отворен и покрај тоа што сè уште има знаци за ескалација на ситуацијата со Индија. Од Органот за цивилно воздухопловство на Пакистан денеска соопштија дека во Карачи, Исламабад, Пешевар и Квета ќе бидат дозволени сите домашни и меѓународни летови. Но, другите аеродроми, вклучително и оној во Лахоре, кој се граничи со Индија, ќе останат затворени до 4 март.
Пакистанските власти го затворија својот воздушен простор на 27 февруари, откако соборија два индиски воени авиони и заробија пилот.
На 28 февруари, американскиот претседателот Доналд Трамп рече дека Вашингтон посредува да се најде решение на кризата. Обединетите нации и светските сили изразија загриженост дека ескалацијата на тензиите меѓу Исламабад и Њу Делхи би можела да излезе од контрола.