Столтенберг – НАТО не сака нова Студена војна
НАТО треба да се подготвува за свет со повеќе руски ракети, иако Алијансата се обидува да го спаси нуклеарниот договор од 1987 година и да спречи нова трка во нуклеарно наоружување, рече денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по разговорите со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија.
На почетокот на февруари, Вашингтон најави дека се повлекува од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел од 1987 година меѓу САД и СССР. Вашингтон ја обвини Москва дека го прекршува договорот. Русија исто така го суспендира своето учество во договорот, ги обвини САД за „измислени обвинувања“ и најави дека ќе почне со развој на нови ракети.
„Тој договор со децении беше незаобиколив за контрола на наоружувањето. НАТО не сака нова Студена војна, ние не сакаме нова трка во наоружување“, рече Столтенберг.
Тој претходно предупреди дека руското кршење на клучниот договор од времето на Студената војна е еден од најголемите безбедносни предизвици на Алијансата.
Борисов на почетокот на идната недела треба да го прими својот руски колега Дмитри Медведев. Борисов рече дека сака да употреби максимална дипломатска сила да се влезе во трка во наоружување.
Столтенберг е во посета на Бугарија по повод 15-годишнината од бугарското влегување во НАТО.