Завршена расправата во Собранието за законот за спречување на дискриминација
Со спротивставување на ставовите меѓу власта и опозицијата помина расправата за Предлог-законот за спречување и заштита од дикриминацијата на 90-та седница на Парламентот. За власта законот е европски и демократски и со него се унапредуваат човековите права и слободи по сите основи, додека за опозицијата со законот се отвора можноста за редефинирање на категоријата семејство и бришење на бракот како заедница на маж и жена, како и тоа дека има нови критериуми за посвојување и нови критериуми во училиштата.
Собранието денеска ја заврши расправата по Предлог-законот по скратена постапка во втора и трета фаза, а за законот ќе се гласа дополнително.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред пратениците појасни дека станува збор за закон со кој се почитуваат европските и меѓународни стандарди за заштита на граѓаните од секаков вид на дискриминација.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев ја праша Царовска за бракот дали е тоа заедница меѓу маж и жена или нешто друго, а во делот на посвојувањето, ако се редефинира бракот, дали ќе се редефинира и посвојувањето.
„Во делот на родовниот идентитет, појаснете го тој поим, дали е флуиден и дали ќе може да се менува и на која основа. Дали ќе имаме ситуација кога возрасен човек кој го сменил родовиот идентитет да може да влегува во простории, кои ги користат деца во градинки, основни, средни училишта. Добро е да размислите за поголем број од овие прашање и за нивните реперкусии“, рече Ѓорчев.
Царовска одговори дека точка на дневен ред денеска на седницата е законот за недискриминација, а не законот за семејство и оти во овој закон се содржани сите основи за можна диксриминација и од што граѓаните да се штитат, а дека во законот за семејство јасно е утврдено што е семејство и тоа останува како такво, рече Царовска.
Според законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.