Протест во Холандија - Владата да стори повеќе против климатските промени
Околу 30 илјади луѓе денеска се собраа во центарот на Амстердам на протест со барање за прогресивна политика на владата против климатските промени во Холандија.
Илјадници луѓе, и покрај дождот, излегоа на улиците носејќи транспаренти на кои меѓу другото пишува „Направете нешто“.
Институтот за истражување на животната средина неодамна соопшти дека Холандија не направила доволно за намалување на емисијата на стакленичките гасови на пропишаното ниво и дека целта за намалување на емисиите до 2020 година за 25 отсто во однос на 1990 година не може да се достигне. Холандскиот парламент донесе закон за намалување на емисиите од 95 отсто до 2050 година во однос на 1990, односно 49 отсто до 2030 година. Сепак, плановите за постигнувањето на тие цели не беа одобрени.