Џафери-Данчила- Членството на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ е од големо значење
Членството на Република Северна Македонија во НАТО и Европската Унија е од големо значење не само за безбедноста и економскиот развој на нашата земја, туку и за целиот регион на Западен Балкан и пошироко, констатирале на денешната средба претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и романската премиерка, Василика Виорика Данчила.
Како што соопшти собраниската прес-служба, премиерката Данчила упатила честитки за усвоените реформски закони и надминувањето на отворените прашања со соседните земји. Воедно, ја поздравила и денешната ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО во Сенатот на Романија.
Претседателот на Собранието Џафери изразил верба дека за време на романското претседавање со Советот на ЕУ, Република Северна Македонија ќе ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година.
Парламентот на Романија денеска на пленарна седница го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, a Џафери се обрати пред романските пратеници.