Ученици ширум светот на протести поради климатските промени
Ученици ширум светот пропуштија часови во нивните училишта за да учествуваат во денешните протести, со кои сакаат да извршат притисок врз светските лидери да преземат силни акции против климатските промени.
Тие беа инспирирани од 16-годишната активистка Грета Тунберг која минатата година сама започна да протестира пред шведскиот Парламент. Таа неодамна беша номиниарана за Нобелова награда за мир.
По нејзината иницијатицва, протести се одржуваа секоја недела и се проширија во повеќе градови водени од активистите во училиштата на социјалните мрежи и од вознемирувачките предупредувања за влијанието на климатските промени.
Во Берлин се собраа 10 илјади ученици во центарот на градот, кои истакнаа транспаренти како што се: „немате план Б“. Иста атмосфера имаше и во Рим каде демонстрантите носеа слика од Грета Тунберг.
Научниците предупредуваат дека за една деценија сегашното ниво на емисии на штетни гасови ќе стане неодржливо. Светските лидери на Самитот за климатски промени во 2015 година се обврзаа дека ќе го одржат нивото на затоплување под 2 степени целзиусови до крајот на векот.
И покрај тоа, светот и натаму е на патот на зголемување на температурите на 4 степени, за кои експертите велат дека ќе имаат несогледливи последици врз планетата.