Судот ја укина мерката на претпазливост за Илија Димовски
Апелацискиот суд во Скопје на нејавна седница на 19 октомври минатата година донел одлука да ја уважи жалбата на обвинетиот пратеник Илија Димовски да му ги врати пасошите. Ова е наведено во извештајот за работата на Специјалното јавно обвинителство што беше објавен вчера.
„Постапувајќи по жалбата на обвинетиот Илија Димовски, Апелациониот суд на нејавна седница одржана на ден 19.10.2018 година донесе решение КСЖ-636/18 со кое жалбата на обвинетиот Илија Димовски изјавена лично, се уважува со што мерката претпазливост – привремено одземање на патна исправа се укинува, а на обвинетиот Илија Димовски му се враќаат одземените патни исправи“, пишува во извештајот.
Во извештајот нема образложение зошто на Димовски му се вратени пасошите.
Тој бараше да му бидaт вратен пасошите и во 2017 година, но тогаш скопска Апелација го одби. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ според определените мерки на претпазливост мораше секоја среда да се пријавува на шалтер во кривичната писарница на скопска единица.
Тој е обвинет во предметите на СЈО за изборна измама „Титаник“ и во „Талир 1“ за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Поради службено патување како пратеник во Собрнието, беше одложено едно од рочиштата за предметот „Талир“.