Во протестите во Белград повредени шест полицајци и приведени 18 лица
По ултиматумот на опозицијата до денеска до 15 часот да се ослободат сите приведени по вчерашните протести во Белград и блокадата на Претседателска палата, претпладнево се огласи српската полиција, јави дописникот на МИА.
Како што изјави директорот на полицијата Владимир Ребиќ, од деветте лица кои во врска со протестите беа изведени пред надлежниот суд, седум се осудени по итна постапка, од кои шест на казна затвор до 30 дена, а едно парично, додека две лица се гонат кривично.
Ребиќ во изјава за РТС нагласи дека при протестите се повредени шестмина полицајци и дека по овие настани полицијата ќе ја промени својата тактика. Тој нагласи дека полицијата нема да дозволи насилство и дека ќе биде гонет секој што ќе изврши кривично дело или прекршок. По повод барањата приведените лица да бидат ослободени, Ребиќ истакна дека Србија е правна држава и дека полицијата не се меша во одлуките на другите надлежни органи.