Собранието за авиобилети и сместување ќе издвои 422 илјади евра
Собранието за набавка на авио-билети и за сместување ќе издвои 26 милиони денари или околу 422 илјади евра за 2 години. Дел од парите, според собраниската прес-служба, се донација од Швајцарската агенција за развој за потребите на Парламентарен институт.
„Ова не значи дека сите средства задолжително ќе се потрошат, сѐ ќе биде во зависност од меѓународната активност. Дел од средствата се рефундираат од организаторите, во зависност од настанот. Сега има актуелна рамковна спогодба со 4 агенции и договорот е сукцесивен. За секоја набавка има посебно барање до 4 компании и се бира најекономичната и најрационална понуда. Очекуваната провизија е 0,01 процент“, се наведува во соопштението.
Таквата постапка, како што се наведува, е потранспарентна и поконкурентна и ќе се склучи рамковна спогодба со сите кои ги исполнуваат условите, а конкуренцијата ќе обезбеди поевтино и пофункционално патување.
Собранието има календар за претстојни активности од областа на меѓународна соработка и за 2019 година се планирани 106 настани. Претседателот на Собранието има посебна агенда.