Иванов ги одликуваше македонистите Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер
Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги одликуваше со Медал за заслуги за Македонија истакнатите научни работници, лингвисти и македонисти, Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер, соопшти претседателскиот кабинет.
Волф Ошлис, професор, автор и преведувач на повеќе дела од врвни македонски автори е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Германија, како и за унапредување на пријателските односи меѓу двете земји.
Виктор Фридман, еден од најпознатите и најактивните лингвисти со македонистичка ориентација,е одликуван за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД и за унапредување на пријателските односи меѓу двете земји.
Американскиот лингвист, Кристина Крамер е одликувана за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД и Канада, како и за унапредување на пријателските односи меѓу земјава и двете држави.
Претседателот Иванов рече дека му претставува чест и должност што ги одликува овие истакнати македонисти со Медал за заслуги за Македонија, како израз на благодарност за сето она што тие го направиле и што допрва ќе го прават за македонскиот јазик.