Бугарскиот амбасадор Ангелов: Клучни за датум се фер избори и законите
Спроведувањето фер и демократски избори и законите што Собранието треба да ги донесе за да може да бидат содржани во Извештајот, се клучни за евроинтеграциите за земјата за и скептичните држави да бидат убедени дека вие произведувате реформи, вели во интервју за МИА, новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава Ангел Ангелов.
Според него одговорот на прашањето дали земјата може да очекува во јуни датум за старт на преговорите, е многу комплексен бидејќи влијаат многу фактори како што е Брегзитот каде е насочено целото внимание Унијата во моментов, потоа дефинирањето на Буџетот на ЕУ, за што се водат големи дебати во Унијата, како и изборите за Европскиот парламент, заради кои вели, извештаите за Република Северна Македонија и за Албанија ќе бидат објавени по изборите за ЕП, за да не бидат искористени во кампањата.
“Тоа мислам дека е добро и за вас, затоа што добивате дополнително време за да ги завршите своите задачи. И кај вас ќе има избори и вие сте фокусирани на нив, што е нормално, но треба да има резултати. Ние сме ваши поддржувачи и сме посветени на имплементацијата на Софиската агенда, но потребни ни се аргументи за уште посилно да се заложиме за вас, а тие аргументи можете само вие да ни ги дадете ако си го завршите вашиот дел од работата”, вели бугарскиот амбасадор Ангелов.
Во однос на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања формирана согласно Договорот за добрососедство, оценува дека нејзината работа е значајна за градење доверба меѓу двете земји.